Амбасада на Република Северна Македонија во Јапонија

Најнови вести

Средба на ЗМНР Исаки со амбасадорот на Јапонија

Заменик министерот за надворешни работи, Фатмире Исаки, денес оствари  средба со амбасадорот на Јапонија во Скопје, Н.Е. г-дин Хиронори Савада.  На средбата беше искажано заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, кои беа оценети како исклучително пријателски, базирани на традиционално партнерство и соработка. Заменик министерот Исаки изрази подготвеност за нивно натамошно продлабочување во областите од заемен интерес и во оваа прилика, се заблагодари за постојаната помош од Јапонија, преку грантови, донации и проекти за подобрување на многу сегменти од нашето општество. Од јапонска страна беше истакната поддршката за реформските процеси во Република Северна Македонија и беше нагласено и дека Јапонија ќе продолжи да го помага развојот на земјава преку проектите во рамките на техничката помош.

Нова услуга и нов телефонски број на МНР за подобрување на конзуларните услуги

Министерството за надворешни работи во насока на унапредување на процесот на давање на конзуларни услуги и грижа за дијаспората во континуитет спроведува проекти што имаат за цел подобрување на работата на министертвото. Во таа насока, веќе од денеска на веб страната на МНР е поставен прашалник „Колку сте задоволни од конзуларните услуги?“, преку кој ќе можете да ги споделите вашите размислувања за услугите во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство. Исто така, во фукција е ставен и телефонскиот број преку кој, користејќи ги современите апликации, WhatsАpp и Viber ќе можете директно да се обратите до министерството за надворешни работи и да ги пренесете вашите загрижености и потреби. На овој начин, преку овие алатки, капацитетите на министерството имаат намера да ја унапредат комуникацијата на дијаспората со државата и да се зголемат можностите за подобрување на достапноста на услугите кои ги користат овие наши граѓани во странство. Прашалникот „Колку сте задоволни од конзуларните услуги?“, можете да го најдете на следниот линк. Телефонскиот број: +389 75 268 734 (WhatsАpp, Viber)

Амбасадорски состанок во МНР по повод првата годишнина од НАТО

По повод одбележувањето  на годишнината од зачленувањето  на Република Северна Македонија во НАТО, Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги собра на тематски работен состанок шефовите на ДКП-та на Република Северна Македонија акредитирани во Земјите членки на ЕУ и постојаните претставништва во ЕУ и НАТО. „Пред само три дена се вратив од дводневниот Совет на северноатлантската алијанса во Брисел, каде за прв пат буквално физички седнавме на масата, рамо до рамо со најсилните земји во светот. Дозволете денес, токму на овој јубилеј, да ви пренесам дека достојно и на ниво на задачата ја претставуваме земјата во НАТО, со целосен технички и кадровски капацитет во нашата мисија, онака како што доликува на една земја – членка на Алијансата. Токму овој јубилеј беше една од причините зошто денес ги повикав Шефовите на Дипломатско конзуларните претставништва на нашата земја, акредитирани во земјите членки на ЕУ. Денес со нашите амбасадори не само што ќе ја одбележиме годишнината, туку и суштински ќе го анализираме досега сработеното; ќе направиме рекапитулар, или еден вид пресек на нашето членство во НАТО, и секако, ќе ги определиме и насоките за идното наше дипломатско делување како полноправна членка на Алијансата“, истакна Османи. Во однос на европските перспективи на земјата, Османи посочи: „Секако дека високо на Агендата на овој наш тематски состанок ќе биде и европското досие на земјава. Очекувам да добијам прецизни информации за политичките состојби и ставовите на земјите-членки на ЕУ во кои Амбасадорите се акредитирани. Околностите се такви што во следни два месеци ни се отвора прозорец на можности кој води до јунските самити на ЕУ. Тоа се неполни три месеци, период во кој очекуваме засилена дипломатска активност и од страна на европската администрација, но и од самите земји – членки на Унијата, а во насока на заокружување на нашето европско досие и почеток на преговорите“. Во попладневните часови на тематскиот работен состанок ќе се одржат и посебни сесии со Претседателот, Стево Пендаровски, Премиерот, Зоран Заев и Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола