Учество на МНР Бујар Османи на министерски состанок на Коалицијата за слобода на медиуми

16 ноември 2020

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи,учествуваше на видео состанок на Коалицијата за слобода на медиуми, во рамки на Втората глобална конференција за слобода на медиуми со која ко - претседаваат министрите за надворешни работи на Канада и Обединетото Кралство, Франсоа Филип Шампањ и Доминик Раб. Целта на состанокот беше согледување на актуелната состојба со слободата на медиумите, како и негативниот импакт над истите како резултат на пандемијата со Ковид 19 вирусот.

„Наша цел е, преку унапредување на законската рамка, преку владините политики и преку партнерство со медиумските организации да создадеме услови за слободни, плурални и независни медиуми кои даваат медиумски услуги за целосно информирањево интерес на граѓаните“, истакна Османи.

Ова е прва министерска средба на Коалицијата за слобода на медиуми која беше формирана од Канада и Обединетото Кралство на Првата глобална конференција  што се одржа во Лондон во 2019 година и во која членуваат триесет и седум земји, меѓу кои и Република Северна Македонија, а кои се залагаат за  јакнење на заедничките напори на сите актери на глобално и национално ниво за заштита на правата на новинарите и креирање слободен плуралистички медиумски простор. Фокусот на оваа Коалиција е неопходно професионално дејствување и известување на медиумите во насока на јакнење на нивната одговорност и подигање на општествената свест за детектирање на дезинформации.