Соопштение за медиуми

11 јануари 2021

Како што известивме, министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа недела оствари комуникација со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, каде беше договорено претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.

Низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи; двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија.

Целта е да најдеме начин да ја зајакнеме имплементацијата и ефикасноста на Договорот за пријателство од 2017 година, со што ќе се врати довербата и во самиот Договор и во процесот на дијалог меѓу двете земји за отстранување на разликите, како што доликува на две пријателски соседни земји во Европа.

Во оваа насока сакаме уште еднаш да потенцираме дека улогата на специјалниот претставник Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акцискиот план и поттикнување на соработката на сите нивоа. Во оваа насока очекувано е во наредниот период да оствари чести патувања на релација Скопје - Софија.